Македонија Поставена спомен-плоча во чест на загинатите француски војници

Поставена спомен-плоча во чест на загинатите француски војници

Спомен-плоча во чест на загинатите француски војници во Македонија во Првата светска војна, вчера беше поставена во Паркот на франкофонијата во Градски парк.

Поставувањето на оваа спомен-плоча е дел од активностите на Француската амбасада во Република Македонија, за одбележување на стогодишнината од почетокот на Првата светска војна.

– Оваа спомен-плоча ќе биде потсетување за жителите на Скопје и на Македонија за храброста и за пожртвуваноста на француските војници кои ги дадоа своите животи во Првата светска војна, како и во битката во Скопје, која се одвивала на 29 и на 30 септември 1918 година – рече градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

На откривањето на спомен-плочата, освен Трајановски, присуствуваа и амбасадорот на Франција во Македонија, Лоренс Оер, државниот секретар за поранешни борци и историски настани при француското Министерство за Одбрана, Жан-Марк Тодешини, градоначалникот на Општина Центар, Андреј Жерновски, како и голем број претставници на дипломатскиот кор во Македонија.