Македонија Посебен сообраќаен режим за Илинден

Посебен сообраќаен режим за Илинден

По повод одбележувањето на националниот празник Илинден, во рамките на предвидените манифестации во Скопје, Крушево (Мечкин Камен) и во меморијалниот комплекс Пелинце, Кумановско, ќе биде воспоставен посебен сообраќаен режим заради непречено и безбедно одвивање на закажаните настани, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Според информациите на МВР, в недела со почеток од 10.30 часот, во централното градско подрачје во Скопје, за сообраќај ќе бидат затворени дел од улиците 11 Октмври и Димитрија Чуповски, на потегот од крстосницата со булеварот Кочо Рацин до крстосницата со улицата Васил Главинов, улицата Филип Втори Македонски од крстосницата пред хотелот „Холидеј ин“ до Градска болница и улицата Даме Груев на потегот од крстосницата со улицата Македонија до Собранието.

Во Крушево, посебен сообраќаен режим е предвиден за деновите 1 и 2 август.

Утре (1 август), во периодот од 18 до 24 часот, ќе биде забранет сообраќајот за сите видови возила по главната сообраќајницa во градот од влезот во Крушево, местото Стара бензиска до раскрсницата Тагас, а возилата можат да се движат заобиколно преку хотел „Монтана палас“ до Спомен-куќата на Тодор Проески и местото Гумење. В недела (2 август), ќе биде забранет сообраќајот по главната сообраќајница во времето од 9 до 11 часот, додека во периодот од 10 до 13 часот ќе биде забранет сообраќајот од месноста Бензиска пумпа до Мечкин Камен.

Забрана за одвивање на сообраќајот за трактори, земјоделски машини и за запрежни возила ќе важи за 1 и за 2 август во текот на целиот ден, на регионалниот пат Прилеп – Крушево и Демир Хисар – Крушево, а в недела ќе биде забранет сообраќајот за товарните моторни возила. Исто така, утре и задутре ќе биде забрането паркирање на патнички и на товарни возила по главната сообраќајница во градот Крушево.

Во Пелинце, каде што почетокот на празничната манифестација е закажан за 10 часот в недела, од МВР апелираат до граѓаните кои ќе сакаат да присуствуваат на настанот во Меморијалниот центар во Пелинце да пристигнат до 9 часот, бидејќи поради присуство на важни гости ќе биде применет посебен режим во сообраќајот, со запирање на сите возила и со пропуштање на службените возила со првенство на минување.