Подглавна секција Поранешниот премиер на Пакистан осуден на десет години затвор

Поранешниот премиер на Пакистан осуден на десет години затвор

Обвинет е за протекување на државни тајни, а моментално служи тригодишна затворска казна поради обвиненија за корупција

Фото: Chatham House, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Имран Кан, поранешниот премиер на Пакистан, е обвинет за објавување на државни тајни и е осуден на десет години затвор, пренесува Би-би-си. Тој моментално служи тригодишна затворска казна поради обвиненија за корупција.

Според Кан, пресудите се политички мотивирани. Имено, оваа пресуда доаѓа само една недела пред парламентарните избори во Пакистан, на кои на Кан му е забрането да учествува.

Пресудата се заснова на дипломатска преписка меѓу Исламабад и амбасадорот на Пакистан во САД. За време на митинг во 2022, Кан покажувал лист од кореспонденцијата, со која тврдел дека се докажува оти има меѓународен заговор против него. Наводно пишувало дека некоја голема сила „ќе му прости сѐ на Пакистан ако Имран Кан се тргне од власт“. Тој не кажа директно која е големата сила, но подоцна во говорот остро ги критикуваше САД.

Обвинителството тврди дека овој чин на Кан претставува обелоденување на државни тајни и активно наштетување на дипломатските односи. Ваквите обвиненија може да доведат до изрекување доживотна или смртна казна.

Кан, кој е поранешен професионален играч на крикет, се прослави во 2018 година со неговата антизападна реторика. Тој ја критикуваше корумпираноста на политичкиот естаблишмент во Пакистан.

Недоверба на неговата влада беше изгласана во 2022 година.

Според Гардијан, иако Кан веќе не е на власт, импактот на неговата поларизирачка реторика оставила силен белег врз Пакистан.