Свет Балкан Поранешниот министер за правда на Бугарија, Христо Иванов, формираше своја партија

Поранешниот министер за правда на Бугарија, Христо Иванов, формираше своја партија

Новата партија Да, Бугарија, чиј претседател е поранешниот министер за правда, Христо Иванов, денеска се формираше во Софија, јави дописникот на „Мета“ од Софија, додавајќи дека на основачкото собрание присуствувале 1.235 основачи.

Собранието на партијата усвои статут и го избра Христо Иванов за свој претседател. Во својот говор пред основачите, Иванов рече дека основна кауза на новата политичка сила е борбата против корупцијата и ослободување на државата од мафијата. Тој истакна дека тоа е клучен услов за постигнување на сите други цели и програмски намери.

Целите што си ги поставува политичката сила се да обезбеди владеење на правото и ефикасна и достапна правда, да го забрза темпото на развој на земјата, да почне ефикасна борба со системската сиромаштија и да го подобри животниот стандард.

– Државата е окупирана од еден модел на корупција, во кој власта се концентрира во рацете на малкумина, а за реалните решенија се пазари заткулисно. Партијава ќе се зафати со решавање на овој проблем – рече Иванов.