Хроника Поранешен директор на фирма и контролор осомничени за злоупотреба

Поранешен директор на фирма и контролор осомничени за злоупотреба

Секторот за внатрешни работи Битола поднел кривична пријава против Љ.П. (57) од гостиварското село Ростуше, поранешен управител во „Маврово инженеринг – Скопје“, и против Г.Г. (51), контролор во надзорниот одбор на фирмата, поради сомневања за злоупотреба на службената положба и овластување и оштетување и повластување доверители.

Според полициските информации, првоосомничениот во 2011 година и покрај тоа што знаел дека жиро-сметката на фирмата е блокирана, не поднел предлог за поведување стечајна постапка, туку отуѓил дел од имотот, овозможувајќи им на дел од доверителите да користат пари и недвижен имот на фирмата преку цесии и компензации.

Второосомничената Г.Г., според полицијата, намерно не извршила надзор на работењето на фирмата и го одобрила работењето на поранешниот управител, бидејќи и таа била доверител во фирмата и со тоа се ставила во повластена положба.

Со тоа, осомничените ги оштетиле другите доверители во фирмата за сума од околу 9 милиони денари или околу 146.000 евра, а државата, врз основа на неплатени давачки, за околу 100 милиони денари, односно околу 1,6 милиони евра.