Дописници Поради големото загадување, битолчани од четврток со блокада на патот за РЕК...

Поради големото загадување, битолчани од четврток со блокада на патот за РЕК Битола

Битолчани ги рективираат протестите против загадениот воздух. По неколкунеделното енормно загадување на амбиенталниот воздух во градот, здружението „За нас се работи“ повикува на блокада на патниот правец кој од Битола води до РЕК Битола, со слоганот „Битола се задушува, Битола умира“.

Блокадите се најавуваат од четврток до сабота, во период од 15 до 17 часот, кога битолчани, и особено вработените во РЕК, завршуваат со права смена и одат на работа во втора смена. Битолчани поставија барања до надлежните и се закануваат дека доколку не ги исполнат, следува целосна блокада на РЕК Битола.

Тие бараат субвенционирање на електрична енергија до спроведување на гасификација, како и спроведување на режим на сообраќај во централното градско подрачје.

Од здружението „За нас се работи“ велат дека ултиматумот е упатен до Општината и до Владата, при што се дистанцираат од каква било политичка конотација поврзана со предвремените парламентарни избори.

– Не нè интересира политика, ниту кампања. Приоритет ни е здравјето на луѓето. Надлежноста за исполнување на едната мерка е на Општина Битола, а за другата – на Владата – вели за „Мета“ Илија Балтовски од „ За нас се работи“.