Македонија Попоски положи цвеќе на гробот на Св. Кирил во Рим

Попоски положи цвеќе на гробот на Св. Кирил во Рим

Во рамките на манифестацијата „Македонија во чест на Св. Кирил“, министерот за надворешни работи во заминување, Никола Попоски, денеска, во Рим, ја предводеше државно црковната делегација на молебенот на гробот на Св. Кирил во базиликата „Сан Клементе“.

Во присуство на бројни гости, со молебенот, на гробот на Светителот, чиноначалствуваа митрополитот дебарско – кичевски Тимотеј и митрополитот Европски Пимен. Традиционалната манифестација „Македонија во чест на Св. Кирил“ на 25 мај годинава ќе биде збогатена со настап на музичката група Баклава, која во Рим ќе ја претстави македонската изворна музичка традиција.

Министерот Никола Попоски, на 26 мај, како дел од државно – црковната делегацијапредводена од претседателот Ѓорге Иванов, ќе присуствува на аудиенцијата кај Папата Франциск, а веднаш потоа ќе го придружува претседателот Иванов на средбата со Државниот секретар на Светата Столица, кардиналот Пиетро Паролин, во Апостолската Палата.