Македонија Попоски-Лукшиќ: Македонско-црногорската соработка, пример за регионот

Попоски-Лукшиќ: Македонско-црногорската соработка, пример за регионот

Потпишувањето на протоколот за колокација на дипломатско-конзуларните претставништва, со кој Македонија и Црна Гора ќе имаат заедничко дипломатско претставништво во Париз, во кое ќе се споделува просторот, ќе претставува добар пример за регионот и ќе покаже дека станува збор за земји со европска ориентација, оценија министрите за надворешни работи, Никола Попоски и Игор Лукшиќ, по денешната средба во Скопје.

– Правиме напори да имаме што повеќе вакви решенија кои се економски исплатливи и праќаат политички сигнал дека постои соработка каква што би се очекувала од земји со европска ориентација. Париз е првото и е, веројатно, пионерско решение за нашиот регион. Отворени сме за ваква соработка и во други региони и со други земји – изјави Попоски.

Тој нагласи дека Македонија и Црна Гора имаат одлични односи на политички план, но треба да се направи дополнителен поттик за интензивирање на економската соработка.

– За таа цел, наскоро планираме и именување на претседатели на мешовитиот комитет и активирање на мешовитата група за економска соработка – рече Попоски.

Тој посочи дека на средбата изразиле задоволство од проектите кои тековно се реализираат, како што се за заеднички настап пред ЕУ во однос на усогласување на роаминг-регулативата, размена на полициски службеници за време на туристичката сезона, обучување воен персонал, соработка помеѓу дипломатските академии која ќе се прошири и на службеници од другите институции, културната размена…

– Разговаравме и за патот на нашите две земји во евроатланските интеграции. Ќе се обидеме 2015 година да ја искористиме на најдобар можен начин и да создадеме клима за скорешно членство во НАТО за двете земји и за поинтензивна соработка во процесот на приближување кон ЕУ и примената на европските стандарди што ќе го направи поперспективен целиот наш регион – рече Попоски.

Неговиот црногорски колега Лукшиќ порача дека секоја средба, па и денешната, се користи за да се договори натамошна соработка меѓу двете земји во многу области.

– Потпишувањето на протоколот за колокација на дипломатско-конзуларното претставништво во Париз е важно за двете министерства, но е позначајно кога се гледа од аголот на регионот како практика која не е баш многу честа. Сметам дека овој договор ќе има многу поширок одек и ќе ја покаже подготвеноста на нашите земји да покажат европски капацитет – рече Лукшиќ, вицепремиерот и министер за надворешни работи и европски интеграции на Црна Гора.

Тој нагласи дека е неопходно да се интензивираат напорите за подобрување на економската соработка меѓу двете земји и можностите за соработка на заеднички регионални инфраструктурни проекти, кои се услов за реализирање на севкупниот економски потенцијал на двете земји. Воедно, нагласи дека ќе се работи и на укинување на разните бариери кои постојат во регионот.

– Настојуваме во нашата амбасада во Скопје да се создадат услови за скорешно отворање на канцеларија на националната туристичка организација, а верувам дека двете земји имаат интерес да се воспостави директна авиолинија – истакна Лукшиќ.