Дописници Поплавена живинарска фарма во битолското село Породин

Поплавена живинарска фарма во битолското село Породин

Велушка Река поплави живинарска фарма во селото Породин, во близина на граничниот премин Меџитлија, на македонско-грчката граница. Поројните дождови во изминатите два дена го преполниле коритото на Велушка, па водата денеска во попладневните часови се излеала во атарот на селото Породин. На удар прва се нашла живинарска фарма, потврдуваат од Центарот за управување со кризи.
– Надојдените води на Велушка Река поплавија дел од живинарска фарма во битолско Породин. Вработените сами направиле насипи, ги известиле надлежните служби да им помогнат да се испумпа водата. Меѓутоа, ако продолжат дождовите, постои опасност од целосно поплавување на објектот – потврди Надица Вчкова, портпаролка на Центарот за управување со кризи.

Таа немаше информација за тоа дали во поплавената фарма  има угината живина.

Од Дирекцијата за заштита и спасување во Битола велат дека утре ќе излезат на терен за да им се помогне на сопствениците на фарамата да се справат со надојдените води. Од Дирекцијата уште потврдија дека до 14 часот, по нивната обиколка низ битолскиот и низ пелагонискиот регион, немало други поплавени објекти или земјоделски површини.

А.Б.