Свет Европа Половина милион мигранти чекаат да го преминат Средоземно Море

Половина милион мигранти чекаат да го преминат Средоземно Море

Британските власти предупредија дека дури 500.000 луѓе би можеле летово да се обидат да го минат Средоземно Море и да допловат до Европа. Тврдењето доаѓа по најновите акции на италијанската крајбрежна стража, во кои беа спасени околу 3.500 мигранти по должината на брегот на Либија.

Мигрантите беа спасени вчера, откако беа пронајдени на околу 60 километри од либискиот брег, во девет дрвени бродови и шест големи гумени чамци за спасување, а во акцијата учествуваа италијанската, германската и ирската морнарица.

– Постојат индикации дека од 450.000 до 500.000 луѓе во Либија чекаат на границата во обид да побегнат од оваа северноафриканска земја и да допловат до италијанскиот брег – рече капетанот на британски воен брод „Белвек“, Ник Кук-Прист.

Бродот, кој е дел од меѓународните сили за патролирање во Медитеранот и за спасување мигранти, вчера беше посетен од британскиот министер за одбрана Мајкл Фелон, кој оцени дека летово бројот на луѓето кои ќе се обидат да го преминат Средоземно Море најверојатно ќе се мери во стотици илјади.

Фалон додаде дека Европа треба да ги обедини своите разузнавачки податоци и да се пресмета со шверцерските банди во Либија, кои ги организираат овие опасни премини преку морето.