Дописници Полицијата во Охрид најави зголемени мерки на безбедност

Полицијата во Охрид најави зголемени мерки на безбедност

Продолжениот велигденско-првомајски викенд во Охрид го користат повеќе илјади гости од земјата и од странство.

Дека е градот солидно исполнет, можеше да се види денеска, кога затолпувањето на времето ги наполни терасите од рестораните, градскиот кеј, старата охридска чаршија, сите шеталишта и крајезерскиот кеј.

Најголемиот број од гостите се од земјата, но ги има и од соседството, од Србија, Бугарија, Грција, Турција и од Албанија.

Соодветно на пополнетоста на градот, СВР од Охрид се огласи со соопштение, најавувајќи дека ќе презема ефективни, пред сè превентивни мерки за зачувување на јавниот ред и мир и за подигнување на степенот на безбедност во сообраќајот. Упатен е апел за максимална совесност во однесувањето, почитување на правилата и на прописите и за целосен ангажман во зачувувањето на безбедноста на подрачјето.

– Мерки особено ќе се преземаат кон сторителите на казнени дела за елиминирање на можностите за нарушувања и за загрозување на јавниот ред и мир и вршење имотни деликти. Викендов ќе има контролни активности низ угостителските објекти кои ќе се реализираат во согласност со законот за прекршоци против јавниот ред и мир, законот за заштита од пушење, законот за угостителска дејност, законот за туристичка дејност, како и по други законски основи од Кривичниот законик. Акцент ќе биде ставен на присуство на малолетни лица во угостителски објекти по 24 часот и на точење алкохол на малолетни лица – прецизира портпаролот на СВР од Охрид, Стефан Димоски.