Свет Погубени четворица осомничени за масакрот во училиштето во Пешавар

Погубени четворица осомничени за масакрот во училиштето во Пешавар

Четворица бунтовници, осомничени дека учествувале во масакрот на талибанците во училиште во пакистанскиот град Пешавар, денеска се обесени, соопштија безбедносните служби на градот.

Тоа се први погубувања поврзани со нападот кој се случи пред една година, а во кој загинаа повеќе од 150 лица, повеќето деца.

– Четворица бунтовници вмешани во нападот на воено училиште утринава се обесени во затвор во Кохат – соопшти претставник на безбедносните служби на Пешавар.

Погубувањето го потврди и претставникот на затворот, кој изјавил дека на осудениците синоќа им било дозволено за последен пат да се видат со членовите на своите семејства.

Нападот кој важи за еден од најтешките во современ Пакистан, се случи на 16 декември 2014 година. Група вооружени талибанци упаднаа во военото училиште во Пешавар и ладнокрвно убија повеќе од 150 лица, повеќето деца.