Хроника Поднесени обвиненија против девет лица поради трговија со марихуана

Поднесени обвиненија против девет лица поради трговија со марихуана

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднело обвиненија против деветчлена група, која се товари за производство и за трговија со марихуана, соопшти денеска Јавното обвинителство.

Како што информираат оттаму, против шест лица е поднесен обвинителен акт за кривичното дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и прекурсори, додека против инспектор од СВР Битола, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола и лекар-хирург од Клиничката болница „Др. Трифун Пановски“ е поднесен обвинителен предлог поради примање награда за противзаконито влијание.

„Првите шест обвинети по претходен договор на конкретен ден, како организирана група вршеле продажба на 2.878 грама дрога – марихуана. Притоа, првообвинетиот стапил во контакт со обвинетиот инспектор за да обезбеди алиби – доказ за евентуално кривично гонење, при што во постапка би се тврдело дека конкретното лице не е сторител на кривичното дело. Инспекторот интервенирал кај обвинетиот лекар за издавање потврда дека лицето е хоспитализирано. Во исто време, на првообвинетиот – гонет за продажба на дрога, кој требало во конкретниот временски период да ја издржува казната затвор во КПУ Затвор – Битола по претходно изречена осуда, обвинетиот јавен обвинител му дал ветување дека ќе интервенира кај судиите од Основниот суд – Битола лицето да не биде повикано на издржување казна затвор“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.

Оттаму додаваат дека обвиненијата биле одобрени од Основниот суд во Битола и дека кривичната постапка продолжува понатаму.