Македонија Поднесен обвинителен предлог за сообраќајката во која загина Петар Милошевски

Поднесен обвинителен предлог за сообраќајката во која загина Петар Милошевски

Основното јавно обвинителство Куманово поднело обвинителен предлог за сообраќајната несреќа во која животот го загуби спортскиот директор на Фудбалската репрезентација на Македонија, Петар Милошевски, која се случи на 13 март минатата година, на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, соопшти обвинителството.

Како што информираат оттаму, за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, е обвинет возачот на џипот што удри во возилото во кое се наоѓаше Милошевски.

„По завршување на истражната постапка, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинителен предлог против едно лице за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот (член 300, став 4 во врска со член 297, став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик), за сторена сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице, а три лица беа повредени“, стои во соопштението од Јавното обвинителство.