Дописници Подметнат пожар во магацин на феријалното одморалиште во Охрид

Подметнат пожар во магацин на феријалното одморалиште во Охрид

Помошен објект кој служел како магацин во поранешното феријално одморалиште во населбата Далјан, изгоре целосно во пожар што избил попладнево.

Благодарение на брзата интервенција на професионалната противпожарна единица од Охрид, спречено е проширување на пожарот кон соседните објекти. Комплексот во моментов не работи, а според првичните информации од истрагата, пожарот бил подметнат.

– Се работи за намерно предизвикан пожар, бидејќи магацините тука не работат кога не е сезона. Интервениравме со три противпожарни возила и седуммина пожарникари. За кратко време пожарот е локализиран. Во моментов немаме дополнителни сознанија, кога ќе почнеме со расчистувањето, ќе видиме, но мислам дека нема да има жртви бидејќи засега не забележавме ништо – сметаат во ТППЕ во Охрид.

Додека траеше интервенцијата на пожарникарите, сопствениците на летни реквизити складирани на овој простор и во ближните објекти, ги пренесуваа на безбедно место.

В.М.