Македонија „Македонија 2025“ загриженa за дестабилизацијата на земјата

„Македонија 2025“ загриженa за дестабилизацијата на земјата

– Внимателно ги следиме настаните во Македонија и сме многу загрижени дека државата може да се соочи со дестабилизација. Најстрого ги осудуваме терористичките акти против институциите во државата и употребата на насилство за политички цели – се вели во дописот до медиумите испратен од организацијата „Македонија 2025“.

Од организацијата изразуваат длабоко сочувство до семејствата на полицајците и упатуваат апел до сите засегнати страни да дејствуваат мудро и брзо да донесат решение за политичката криза.

– Ги повикуваме сите надлежни институции да иницираат независна и непристрасна истрага за обвиненијата за потенцијалните политички неправилности, измами во гласањето, неумесното влијание на судството и на медиумите. Само со дијалог и со веродостојна комуникација помеѓу сите политички партии, може да се дојде до решение што ќе доведе до стабилна економска средина за водење бизнис и ќе овозможи безбеден живот за луѓето – се вели во соопштението.

Тие ја повикаа меѓународната заедница да ја поддржи интеграцијата на Македонија во ЕУ и во НАТО, за македонскиот народ да не се чувствува изолирано и напуштено од неговото европско семејство.

„Македонија 2025“ е глобална непрофитна организација, основана од светски признати професионалци со македонско потекло.

Организацијата фукнционира во САД, Канада, Австралија и во Македонија и претставува еден независен, невладин и непартиски тинк-тенк, чијашто главна цел е да помогне за добросостојбата на Македонија, денес и во иднина.