Македонија Под мотото „Спектакуларно непослушни“ се одржа петтиот „Скопје Прајд“

Под мотото „Спектакуларно непослушни“ се одржа петтиот „Скопје Прајд“

Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, како што велат организаторите, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на борбата за еднаквост

Фото: Мета.мк

Под мотото „Спектакуларно непослушни“, денеска се одржа петтиот „Скопје Прајд“. Почетната точка беше во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот започна собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори започна протестниот марш по скопските улици, а на крај парадата завршува со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Фото: Мета.мк

На прашањето зошто името на парадата е „Спектакуларно непослушни“, Кочо Андоновски, член на организацискиот тим одговара:

„Непослушни затоа што сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријархатот кој нѐ владее доста векови. Спектакуларно како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како одбележување на јубилејот на петти Прајд. Дури и „Њујорк тајмс“ објави фотографии од првата Парада на гордоста во Скопје и ништо помалку спектакуларно не очекуваме и за овој Прајд. Тој ќе биде еден од најдобрите и најпосетените настани во Скопје како и претходните години“.

Фото: Мета.мк

Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, како што велат организаторите, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на борбата за еднаквост.

Фото: Мета.мк

На „Парадата на гордоста“ поддршка на учесниците дојдоа да им искажат и поранешните министерки за култура и за труд и социјала, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Јована Тренчевска.

Од 15 часот денеска во централното градско подрачје во Скопје имаше посебен режим на сообраќај поради петтата по ред „Парада на гордоста“.