Македонија Почнува постапката за кандидирање за претседател на СДСМ, во игра четворица кандидати

Почнува постапката за кандидирање за претседател на СДСМ, во игра четворица кандидати

Како кандидати за нов лидер на партијата која доживеа катастрофален пораз на парламентарните избори и освои 18 мандати се спомнуваат Славјанка Петровска, Стефан Богоев, Јован Деспотовски и Венко Филипче

фото: СДСМ

Почнува постапката за кандидирање за претседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ). Партијата објави отворен повик за самокандидирање на сите заинтересирани лица. Со одлука на Извршниот комитет се распишани вонредни внатрепартиски избори, кои ќе се одржат на 30 јуни годинава.

Од СДСМ соопштија дека на вчерашната седница, Централниот одбор го усвоил Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на Претседател за вонредните избори. Изборите ќе ги спроведе Централна изборна комисија, заедно со 80 општински изборни комисии и Одбори на избирачки места на локално ниво. Можност за гласање ќе имаат сите членови на СДСМ кои активно ќе се регистрираат.

Постапката за кандидирање започнува денеска (31 мај) и ќе трае седум дена, до 6 јуни. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите и „високите вредности, морални и етички норми“, велат од партијата.

Зголемен е и периодот за активна регистрација за членство во партијата – сега изнесува 20 дена.

„СДСМ е прогресивна модерна европска партија. Овој процес ќе биде направен по највисоките демократски и организациски стандарди“, велат од СДСМ.

Во меѓувреме, за 9 јуни (недела) е закажан партиски Конгрес на СДСМ, на кој, покрај анализите на причините за изборниот резултат, Централниот одбор ќе предложи и измени на Статутот на партијата, за мандатот на претседателот избран на вонредни избори да биде 4 години.

Кандидати за нов лидер на партијата која доживеа катастрофален пораз на парламентарните избори и освои 18 мандати, веројатно ќе бидат Славјанка Петровска, Стефан Богоев, Јован Деспотовски и Венко Филипче.

Петровска во изјава за ТВ 24 и официјално потврди дека ќе се кандидира за претседател на СДСМ, а претходно и актуелниот директор на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски, ги соопшти своите амбиции да влезе во трка за лидер на партијата. И Стефан Богоев, потпретседателот на СДСМ во оставка, не ги крие амбициите да стане прв човек на партијата. Меѓу кандидатите од СДСМ за претседател се споменува и поранешниот министер Венко Филипче.