Македонија По подолго боледување почина новинарот Тодор Пендаров

По подолго боледување почина новинарот Тодор Пендаров

Тодор Пендаров | Фото: ЗНМ

По подолго боледување вчера почина новинарот Тодор Пендаров, долгогодишен член и соработник на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Пендаров имаше завршено студии по политикологија на Универзитетот во Љубљана, а потоа работеше како новинар и уредник во Радио Скопје.

Во својата долгогодишна кариера како новинар беше дописник и од Словенија, а потоа и  советник за односи со јавност во македонскиот парламент.

„Тодор Пендаров беше одличен познавач на внатрешната политика, искрен и ценет пријател и критичар“, соопшти ЗНМ.

Телеграма со сочуство по повод смртта на Пендаров до јавноста испрати претседателот на Собранието, Талат Џафери.

„Вечерва ме погоди длабоко веста за ненадејното и засекогаш заминување во вечноста на нашиот драг и долгогодишен соработник, почитуван новинар, политички аналитичар, и над сѐ, наш стар и омилен пријател, Тодор Пендаров“, напиша Џафери.

Тој изрази искрено сочувство од свое лично име, од име на пратениците во Собранието на Република Северна Македонија и од име на собраниската служба, „убеден дека споменот за неговиот лик, неговата позитивност и силна волја за живот ќе живее вечно низ ходниците на собраниската зграда“.

Како што се вели во соопштението од Собранието, професионалноста на Пендаров и богатото искуство од долгиот и мултидимензионален стручен развој, беше вистински придонес во функционалноста на законодавниот дом, меѓутоа претставуваше и скапоценост за демократскиот развој на нашата земја.