Македонија По 3,5 години затвор за Гури и Алими од ДУИ на повтореното...

По 3,5 години затвор за Гури и Алими од ДУИ на повтореното судење за „Титаник 3“

Гури е заменик-управник во УЈП, а Алими државен советник во Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците, со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби

Фото: Порталб

Основниот кривичен суд Скопје на повтореното судење за случајот „Титаник 3“ за уништување изборен материјал на Исмет Гури и Ејуп Алими од ДУИ им изрече затворски казни од по три години и шест месеци. Истите казни судот им ги изрече и во март 2020 година, со првата пресуда, но Апелацискиот суд го врати случајот на повторно судење.

На Апелацискиот суд му требаше една година за да ја врати пресудата на повторно судење.

И на повтореното судење, судечкиот совет на чело со судијката Марија Клетничка-Марковска, им ги изрече истите казни. И денешната пресуда на Основниот кривичен суд не е правосилна, односно странките имаат право на жалба до Апелација која овој пат ќе треба да одлучи мериторно.

Гури и Алими се единствените поистакнати функционери од ДУИ за кои се дојде до пресуда во случаите што ги отвори Специјално јавно обвинителство (СЈО). Гури во моментов е заменик-управник во УЈП, а Алими државен советник во Министерството за политички системи и односи меѓу заедниците, со кое раководи првиот вицепремиер Артан Груби.

Алими и Гури за „Титаник 3“ добија обвинение во јуни 2017 година за делото уништување изборен материјал, односно дека на локалните избори во 2013 година менувале дел од записниците за гласањето во Чаир.