Македонија Петровска-Форд: С. Македонија е посветен и активен НАТО сојузник

Петровска-Форд: С. Македонија е посветен и активен НАТО сојузник

Директорот за одбранбено планирање Форд го поздравил придонесот на Северна Македонија кон колективната безбедност

Фото: Министерство за одбрана

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска се сретна со директорот на директоратот за одбранбено планирање во Алијансата, Карл Форд кој заедно со неговиот тим учествува на редовните билатерални консултации помеѓу С. Македонија и НАТО-Алијансата.

На состанокот, министерката Петровска порачала дека С. Македонија е посветен и активен НАТО сојузник кој дава суштински придонес во рамките на колективната безбедност.

„Со придонесот во мултинационалните сили на НАТО во Латвија, Романија и Бугарија македонската Армија ја зацврстува колективната безбедност и безбедноста на секој граѓанин на Алијансата. Ние остануваме посветени и на регионалната безбедност кон која придонесуваме преку нашето учество во мисијата на НАТО на Косово, КФОР“, рече министерката.

Петровска додаде дека Северна Македонија ќе продолжи да инвестира во својата армија, а доказ за тоа е фактот дека следната година 2 проценти од бруто-домашниот производ ќе бидат одвоени за одбрана, од кои една третина за модернизација и опремување.

Директорот за одбранбено планирање Форд го поздравил придонесот на Северна Македонија кон колективната безбедност, а особено во рамките на мултинационалните сили на НАТО во источното крило.

За време на билатералните консултации, се разговарало за напредокот во имплементацијата на доделените НАТО цели на способности во рамки на повеќе области како одбранбената политика, финансиите, копнените сили, логистиката, воздухопловните сили, специјалните сили, капацитетите за стабилизација и реконструкција како и цивилната подготвеност.