Економија Пендаровски: Војната во Украина ја забави зелената транзиција

Пендаровски: Војната во Украина ја забави зелената транзиција

„Со децении не е вложувано во нови енергетски капацитети, постојните капацитети што ги имаме не можат да го продуцираат својот максимум, бидејќи се истрошени и стари“, рече претседателот Пендаровски

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Глобалниот енергетски пазар е нарушен поради руската инвазија врз Украина и нема изгледи дека за брзо време ќе биде стабилизиран. Војната во Украина истовремено ја забави и зелената транзиција, а единствена шанса за малите држави е да имаат што е можно повеќе домашни извори на енергија и да бидат што е можно помалку зависни од увозот. Ова го истакна претседателот Стево Пендаровски на денешната дискусија на Македонскиот енергетски форум, што се одржува во организација на ЗИП Институтот и во партнерство со Владата и Делегацијата на ЕУ. Темата беше „Подобрување на триаголникот Политики-Финансии-Енергетска технологија за енергетска отпорност и зелена транзиција“.

Тој говореше на панелот „Мали земји – големи транзиции: енергетско лидерство во предизвикувачки времиња“, заедно со поранешниот претседател на Република Хрватска, Стјепан Месиќ.

„Пендаровски посочи дека малите држави тешко може да влијаат врз глобалната сцена и единствен начин да ги проектираат своите интереси надвор од сопствените граници е преку учество во меѓународните организации. Тој ја истакна важноста од нашето членство во НАТО, потенцирајќи дека енергетиката е важен сегмент во севкупната безбедност, како и поддршката што ја добиваме од Европската Унија“, наведено е во соопштението од претседателскиот кабинет.

Тој кажал дека иако сме во процес на преговори за членство и сè уште не сме формална членка, ЕУ преку своите програми ја приклучи и Македонија кон паневропскиот енергетски пазар.

„Ние сме за жал се уште една високо зависна држава, со децении не е вложувано во нови енергетски капацитети, постојните капацитети што ги имаме не можат да го продуцираат својот максимум, бидејќи се истрошени и стари. Мораме да ги зголемиме домашните автономни извори на енергија и второ, преку регионалните групирања, или иницијативи да влегуваме на пошироките пазари, во однос на енергијата и тоа скоро сите држави во регионот го прават. Конкретно за нас, зборувавме за ставање во функција на интерконекторот Грција – Северна Македонија“, истакна претседателот Пендаровски, додавајќи дека со пуштање во употреба и на интерконекторот Грција – Бугарија, се отвора поголема можност за целиот наш регион.