Македонија Пендаровски потпиша укази за прогласување на три закони за социјална реформа 

Пендаровски потпиша укази за прогласување на три закони за социјална реформа 

Претседателот Стево Пендаровски ги потпиша указите на Законот за социјална заштита, на Законот за социјална сигурност за старите лица и на Законот за изменување и дополнување на законот за заштита на децата, информираат од Кабинетот на претседателот.

Од таму додаваат дека имплементацијата на трите закони е од суштински интерес за граѓаните особено за најранливите категории граѓани, а во функција на обезбедување на социјална правда и сигурност.

„Со Законот за социјална заштита се унапредуваат правата и се овозможуваат подобри услови за лицата со попреченост. Додатокот за надоместок за плата за скратено работно време за родител кој чува дете со попреченост се зголемува и изнесува до 50 отсто од просечната нето плата. Законот за социјална сигурност за старите лица се зголемува ефективноста на паричните давања за оваа категорија на граѓани и намалување на процентот на сиромаштијата кај старите лица над 65 годишна возраст. Со измените и дополнувањата на Законот за заштита на децата, се зголемува пристапот до правото на детски додаток за деца од домаќинства и семејства со ниски примања и на приматели на гарантирана минимална помош. Детскиот додаток наместо како досега 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, додека образовниот додаток наместо 3.800 деца, ќе го користат 64.316 деца“, се вели во соопштението.