Македонија Пендаровски: Неприфатлива е дискриминацијата базирана на сексуална ориентација или родов идентитет

Пендаровски: Неприфатлива е дискриминацијата базирана на сексуална ориентација или родов идентитет

Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

Во пораката по повод 17 Мај – Меѓународниот ден за борба против хомофобијата, бифобијата и трансфобијата, претседателот Стево Пендаровски порача дека дискриминацијата базирана на сексуална ориентација или родов идентитет е неприфатлива.

„За жал, како општество не сме имуни на предрасуди, стигматизација и говор на омраза кон лицата кои се дел од ЛГБТИК+ заедницата. Сите луѓе треба да ги уживаат основните човекови права и не смее да има исклучоци по ниту еден основ. Сите ние треба да придонесеме кон унапредување на инклузијата во нашето заедничко општество, прифаќање и почитување на различноста. Да создаваме општество во кое сите ќе ги уживаме фундаменталните права, заедница во која маргинализираните сограѓани ќе бидат заштитени, соодветно на демократиските вредности во кои веруваме“, напиша Пендаровски во пораката.

Претседателот истакна и дека е потребно да се работи за подигање на свесноста, континуираната борба за повеќе права и еднакви можности на ЛГБТИК+ луѓето.

„Многумина од нив сѐ уште живеат во страв за општествената прифатеност, предмет се на дискриминација, вознемирувачки говор или, пак, жртви на насилство како дела од омраза“, рече Пендаровски.