Македонија Пендаровски ја најави кандидатурата за претседател за втор мандат

Пендаровски ја најави кандидатурата за претседател за втор мандат

Во недела очекувам СДСМ да ја официјализира својата поддршка за мојата кандидатура. Од понеделник ќе имам средби со сите партии од нивната коалиција, рече Пендаровски

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Актуелниот претседател Стево Пендаровски ја најави граѓанската кандидатура за втор мандат и ги повика сите граѓани да дадат поддршка со потпишување во канцелариите на Државната изборна комисија.

„Во недела очекувам СДСМ да ја официјализира својата поддршка за мојата кандидатура. Од понеделник ќе имам средби со сите партии од нивната коалиција. Во мојот прв мандат станавме членка на НАТО, а очекувам во вториот мандат да станеме членка на ЕУ. Јас сум Македонец, меѓутоа не постои единствен случај кога моето етничко потекло било причина да фаворизирам или да деградирам“, рече Пендаровски.

Тој изјави дека во изминатите пет години покажал дека претседателот може да биде независен од било кои центри на политичка или економска моќ вклучително и во однос на оние кои го поддржале.

„Во нашата земја не постои човек или партија која може да каже дека ги контролира или диригира моите одлуки“, рече актуелниот претседател.

Тој вели дека зад има себе мандат без ниту една стратешка грешка, без ниту една корупциска афера и без ниту еден случај на непотизам.

Во однос на меѓуетничките односи и евроатлантските интеграции, Пендаровски ги повтори своите ставови дека Рамковниот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија биле придобивка за граѓаните и за државата.