Дописници Пелагонија со насипи и со тампонажа ќе се штити од евентуални поплави

Пелагонија со насипи и со тампонажа ќе се штити од евентуални поплави

Се редат вреќи со песок, со багери се прават насипи, се штитат куќите и шталите од евентуални поплави. Ваква е сликата денеска во плодната Пелагонија, по најавите за нови врнежи од дожд во регионот и за излевање на реките. Општина Новаци, која е најзасегната од ваквата ситуација и каде се поплавени неколку стотини хектари плодни ниви, веќе ги лоцира критичните точки и со механизација поставува насипи и тампонажа. Од утрово, во битолскиот дел на Пелагонија дува силен ветер.

– Сериозно ги сфативме најавите и пристапивме кон правење одбранбени насипи, со вреќи, со тампони, за да се заштитиме од евентуалните поплави на куќи и на фарми. Знаете дека Црна веќе направи поплави, а штети има и од излевањето на десеттиот канал кај селото Гнеотино – вели градоначалникот на општина Новаци, Лазар Котевски.

И земјоделците и локалните власти во Пелагонија се едногласни дека најголемата заштита од поплавите е чистењето на реката Црна, која на дното има талог од еден и пол метар како последица на нејзината запоставеност во последните 35 години.

– Бараме од Владата да издвои средства за набавка на соодветна механизација, која ќе го исчисти и прошири коритото на река Црна – вели Котевски.

Во меѓувреме, во општина Новаци се чекаат комисии за процена на штетите од поплавите минатата недела. А.Б.