Македонија „Пејпал“ нема да ги казни клиентите со 2.500 долари за ширење дезинформации

„Пејпал“ нема да ги казни клиентите со 2.500 долари за ширење дезинформации

Фото: Википедија

„Пејпал“ се повлекува од политиката согласно која би ги казнувала корисниците со 2.500 долари за ширење „дезинформации“. Оттаму велат дека неодамна по грешка излегло известување за прифатлива политика за користење која вклучува неточни информации.

„Пејпал“ не ги казнува луѓето за дезинформации и никогаш не била намерата тоа да биде вметнато во нашата политика. Нашите тимови работат на корекции. Жалиме за конфузијата што ова ја предизвика“, велат во писмена изјава од компанијата.

Оваа реакција доаѓа откако промените на политиките почнаа да привлекуваат медиумско внимание, како и да наидуваат на критики на Твитер. Поранешниот претседател на „Пејпал“ Дејвид Маркус, ја критикуваше компанијата дека може да ги одземе парите на клиентите затоа што нивните ставови се непристојни.

„Тешко ми е отворено да критикувам компанија која порано ја сакав и ѝ дадов толку многу. Но, новите политики одат против сè во што верувам. Една приватна компанија сега треба да одлучи да ви ги земе парите ако кажете нешто со што тие не се согласуваат. Лудило“, рече тој.