Uncategorized Пациентите два месеци оставени без лекот „синтром 4“

Пациентите два месеци оставени без лекот „синтром 4“

Веќе два месеци пациентите од Македонија што го користат лекот „синтром 4“ од швајцарската компанија „Новартис“ не можат да го набават поради тоа што нема увоз.

Тие се жалат дека во ниту една аптека го нема, а им е неопходен и многу потребен за нивното здравје.

– Со денови одам по аптеки и го барам лекот „синтром 4“. Имам тромбоза и го пијам по шема така што не смеам да прескокнам ниту една доза. Во аптеките има од овој лек, но само од „Реплек“ и од „Јака Радовиш“, ама докторите сугерираат задолжително да е од „Новартис“. Ако ја пропуштам дозата, морам да одам на лекар да ми ја проверат крвта, па таму да ми кажат што понатаму треба да правам – ни изјави пациентка од Скопје.

Од Бирото за лекови тврдат дека не е проблемот до нив, туку до увозникот кој треба да го увезе кога веќе ќе нема залиха.

Од увозникот за Македонија, „Новартис фарм“ (NOVARTIS Pharma Services inc., Претставништво – извод од листата на Бирото за лекови н.з.) тврдат дека лекот е увезен и веќе го има во аптеките.

– Овој лек го има низ аптеките. Увезен е и има доволно количество. Проверете, ако сакате, кај дистрибутерите „Македонија лек“ и „Феникс“ за да се уверите – ни изјави Сузана Тренчевска, одговорно лице за комуникација од „Новартис фарм“ во Скопје.

Се јавивме и во „Македонија лек“ да прашаме дали навистина веќе го добиле лекот.

– „Синтром 4“ нема веќе неколку месеци. Немаме најава дали и кога ќе го добиеме – велат оттаму.

Низ скопските аптеки и во сите поголеми фармацевтски продажни места („Зегин“, „Еурофарм“ и „Виола“) овој лек го нема веќе два месеци.

„Синтром 4“ или „аценокумарол“ припаѓа на групата лекови кои се нарекуваат антикоагуланти (лекови што ја разретчуваат крвта). „Аценокумарол“ се употребува за лекување и за спречување формирање крвни згрутчувања (тромбови), кои ги блокираат крвните садови, на пример, при длабока венска тромбоза. Овој лек го пијат пациенти со срцеви проблеми (операции, аритмии), пациенти со прележани мозочни и срцеви удари, со тромбози…