Македонија Пациент заболен од тропската болест лајшманијаза во Штип

Пациент заболен од тропската болест лајшманијаза во Штип

Во штипската Клиничка болница се лекува заболен од лајшманијаза или кала-азар, тропска болест што ја пренесуваат комарци.

Ова е прв ваков случај по 2014 година, кога беа регистрирани тројца заболени.

Не е лесно да се дијагностицира и тешко се лекува, а се манифестира со тешка клиничка слика. Паразитот ги напаѓа црниот дроб, слезинката и лимфните јазли. Предизвикувачот се пренесува преку инсекти кои каснале заболени кучиња.

– Постои еден начин на зараза. Кога човекот е каснат од мушичка што го пренесува заболувањето, а која се инфицирала каснувајќи заболено куче – вели директорот на Центарот за јавно здравје во Штип, Велик Грков.

Лекарите апелираат на почесто прскање од комарци, кои ова лето, како и минатото, ги има многу во Штип.

Симптомите кај заболените се малаксаност и зголемени црн дроб и слезина.

Во Штип оваа болест првпат е дијагностицирана во 1995 година.