Македонија Пасошот на Заев му е вратен трајно, смее да патува, освен во...

Пасошот на Заев му е вратен трајно, смее да патува, освен во понеделник

„Престанува потребата поради која била определена мерката претпазливост со одземање на пасошот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, а останува мерката обвинетиот секој понеделник да се јавува во Основниот суд во Струмица.“

Со оваа одлука, која ја донесе второстепениот суд пред една недела, Заев може да патува надвор од државата каде што сака – освен во понеделник!

Од СДСМ информираат дека оваа одлука значи трајно враќање на пасошот, без да мора нивниот лидер да го врати кога ќе му заврши посетата во Стразбур.

На 31 јануари годинава, МВР поднесе кривична пријава против четири лица за повеќе кривични дела во акцијата „Пуч“. Притвор и  беше одреден на З.В., С.В. и на Б.П., а на лидерот на СДСМ, му беше одземен само пасошот, бидејќи кривичното дело останало во обид.

„Поднесен е предлог за определување мерка претпазливост и тоа обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице, односно кај надлежен државен орган, и привремено одземање на патна или друга исправа за преминување државна граница“, известија тогаш од Јавното обвинителство.