Македонија Партиите затечени: Работните групи денеска ќе разговараат за Рамковниот договор

Партиите затечени: Работните групи денеска ќе разговараат за Рамковниот договор

Пред самиот почеток на денешната средба на работните групи на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино, се промени агендата на преговорите. Имено, по барање на ДУИ, денеска ќе се разговара за имплементацијата на Рамковниот договор, дознава „Мета“. Од оваа измена затечени беа и дел од преговарачките тимови, кои на самото место дознале за промената. Тие коментираат дека секоја партија си тера своја агенда и го кочи процесот на преговори.

За денеска закажаните преговори за изборното законодавство, поради овие измени, се одложуваат, но не се знае за кога. Исто така, не се знае ниту кога ќе продолжат работните средби за медиумите и за анкетната комисија.

Единствено што досега е познато, како постигнат договор, е изборот на членови на ДИК кои ќе се избираат по формулата „три плус три плус три“, односно тројца членови ќе бидат на предлог на власта, тројца од опозицијата и на нив ќе им се приклучат тројца експерти што ќе бидат избрани со двотретинско мнозинство во Собранието.

Како што информираат претставници на политичките партии, кои се учесници во работните групи, деновиве не се очекува да се постигне договор. Крајниот рок за постигнување договор за изборното законодавство е 6 октомври, а договор се очекува да се постигне исто како и за специјалниот обвинител, пред истекот на рокот.

За медиумите, пак, крајниот рок што си го зададоа партиите е 15 октомври.