Македонија Панел дискусија на тема борба против трговија со луѓе утре ќе се...

Панел дискусија на тема борба против трговија со луѓе утре ќе се одржи во Скопје

Фото: Melanie Wasser on Unsplash

Трговијата со луѓе е глобален проблем и еден од најсрамните злосторства во светот, кој влијае на животите на милиони жени, мажи и деца ширум светот, ги искористува и им го одзема достоинството. За борба против овој ужасен феномен потребни се координирани и заеднички акции, односно партнерства во сите области на интервенција: превенција, заштита и гонење.

Настанот „Борба против трговијата со луѓе во Северна Македонија – Превенција, Гонење, Заштита и Партнерства“ ќе им даде можност на националните и меѓународните партнери да дискутираат за моменталната состојба и достигнувањата, да разговараат за предизвиците, да предложат препораки и да ја потврдат и зајакнат соработката во нивните напори да ја потиснат и искоренат трговијата со луѓе.

Врвни владини претставници и национални и меѓународни партнери ќе се вклучат во отворена дискусија и споделување информации за борбата против трговијата со луѓе во Северна Македонија, настан заеднички организиран од Амбасадата на Шведска, Амбасадата на Франција и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Главни говорници на настанот ќе бидат Ана Екстед, Специјален амбасадор за борба против трговијата со луѓе во шведското Министерство за надворешни работи, Жан-Клод Бруне, Амбасадор за борба против транснационалните криминални закани во француското Министерство за Европа и надворешни работи, Џеф Голдштајн, заменик-шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Светлана Влаховиќ-Димановска, заменик национален координатор на Национална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција.

На панел дискусијата ќе учествуваат претставниците на ИОМ, Националниот центар за жртви на трговија со луѓе и сексуално насилство – Отворена порта/Ла Страда, Македонското здружение на млади правници-МЗМП, како и Националната комисија и Јавното обвинителство.

Учесниците ќе споделат информации и ќе разговараат за тековната состојба, како и за предизвиците и заканите што се појавуваат во време кога светот се соочува со ковид-19 пандемијата и новиот феномен на зголемена (зло)употреба на интернетот за цели на експлоатација.