Култура Отворена реновираната библиотека „Јане Сандански“

Отворена реновираната библиотека „Јане Сандански“

На посетителите на овој објект ќе им бидат достапни 20 000 наслови

Во општина Аеродром се отвори реновираната библиотека „Јане Сандански“ која е дел од Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Во реновираниот објект целосно е заменета електричната инсталација, набавени се нови маси и полици за книгите, направен е бесшумен под, поставени се и нови прозорци, со што објектот влегува во категоријата на енергетски ефикасни објекти.

На свеченото отварање на библиотеката беа присутни Градоначaлникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Директорот на библиотеката „Браќа Миладиновци“, Бранко Цветковски. Градоначалникот Трајановски рече дека целта на овој објект е да се доближи пишаниот збор до поголем број граѓани, вљубеници во читањето.

– На посетителите на овој клон ќе им бидат достапни 20 000 наслови, а во новоотвореното електронско катче периодично ќе имаат можност и бесплатно да читаат поголем број е-часописи. За реализација на овој проект Градот од буџетот издвои 1.200.000 денари, а во иднина планираме да инвестираме и во отворање на нови клонови во другите скопски општини за да ја донесеме книгата што поблиску до сите наши граѓани – додаде градоначалникот Трајановски.