Македонија Откриени два нови случаи на шверц на мигранти

Откриени два нови случаи на шверц на мигранти

Вчера попладне, околу 18.50 часот, на регионалниот пат Гевгелија – Богданци, мешовита полициска патрола пронашла 12 илегални мигранти од Пакистан и од Либија во возило, марка „фиат улис“, со скопски регистарски ознаки, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).

Полицијата сè уште трага по возачот, кој успеал да побегне, откако претходно го игнорирал знакот на полициската патрола да застане и продолжил да се движи уште 200 метри.

При проверката на возилото, полицијата утврдила дека регистарските таблички потекнуваат од друго возило.

„Странските државјани се наоѓаат во полициската станица Гевгелија за понатамошна постапка, а се преземаат мерки за пронаоѓање на возачот“, стои во информацијата на МВР за случајот.

Оттаму денеска информираат и дека регионалниот центар за гранични работи Југ поднел кривична пријава против 25-годишниот Е.А. од Корча, Албанија, кој вчераноќ бил фатен кај селото Удово, на автопатот Скопје – Гевгелија, како со возило, марка „фолксфаген шаран“, превезува 12 илегални мигранти од Сомалија, Иран и од Бангладеш.

Тој, според полицијата, се товари за криумчарење мигранти, а судија на претходна постапка му одредил мерка притвор од осум дена.