Свет Откриена нова масовна гробница кај градот Синџар во Ирак

Откриена нова масовна гробница кај градот Синџар во Ирак

Масовна гробница во која се наоѓаат телата на најмалку 110 припадници на малцинската етничка група Јазиди била пронајдена во северен Ирак, јавуваат светските медиуми.

Гробницата е пронајдена во близина градот Синџар кој до пред десетина дена беше под контрола на Исламска држава (ИД), пред да биде освоен од страна на курдските борци.

Милитантите на ИД го зазедоа Синџар во август 2014 година, каде, според извештаите извршиле масакри, силувања и држеле како робови голем број на жени и девојки.

Околу гробницата, според медиумите, биле поставени бомби поради што сè уште не е почнато со вадењето на телата. Проценката на бројот на тела кои се закопани во неа била направена врз основа на кажувањата на лица кои биле сведоци на егзекуциите.

Како што пренесува „Би-Би-Си“, станува збор за шеста масовна гробница откриена во близина на Синџар.