Здравје Осовременети хируршките сали во тетовската болница

Осовременети хируршките сали во тетовската болница

Претседателот Пендаровски, како и министерот за здравство Фатмир Меџити, заменик – министерката за здравство Маја Манолева и в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување, Асаф Абдурамани, ја посетија Клиничката болница и се сретнаа со директорот Илир Демири

Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Во Клиничката болница во Тетово во тек е реновирање на интернистичките амбуланти, набавена е нова медицинска опрема, а осовременети се и хируршките сали во Ургентниот центар. Претседателот Стево Пендаровски денеска престојуваше во болницата во Тетово, во рамки на проектот „Лице в лице со претседателот“. Тој и министерот за здравство Фатмир Меџити, заменик – министерката за здравство Маја Манолева и со в.д. директорот на Фондот за здравствено осигурување, Асаф Абдурамани, ја посетија Клиничката болница и се сретнаа со директорот Илир Демири.

„На средбата беше изразено задоволство од силната заложба на надлежните институции за подобрување на болничките услови и здравствената услуга за граѓаните од Тетово, од регионот, но и од целата земја. Во оваа насока соговорниците разговараа и за итната потреба од вработување на нов медицински кадар, како во болницата во Тетово, така и во болниците во Штип и Битола“, соопштуваат во кабинетот.

Претседателот го посетил новиот оддел за Онкологија, кој од денеска е пуштен во употреба, рентген одделението во кое се инсталирани два софистицирани дигитални рентген апарати и мамомат, реновираната амбуланта, како и новите простории со кои значително се прошируваат капацитетите за хоспитализација, терапија и третман на пациентите.

Во Тетово претседателот се сретна со дел од членовите на неформалната група „Чкрап“, фотографи кои со силен ентузијазам опстојуваат две децении. Претставниците на фото-групата, во која низ годините минале близу 80 фотографи, ги споделија своите активности во насока на афирмација на овој вид уметнички израз. Презентирајќи мал сегмент од нивниот импресивен опус, фотографите го информираа претседателот Пендаровски дека секоја година, реализираат изложби на слободна тема во кои честопати учествуваат и дела на наши иселеници – членови на „Чкрап“.

Претседателот Пендаровски го посети и домот на познатата тетовска фамилија Палоши. На средбата претседателот го нагласи придонесот на истакнати поединци од ова семејство кои оставиле траен белег во тетовскиот културно-историски и архитектонски развој. Презентирајќи го нивниот конак со музејска вредност, изграден пред два ипол века, домаќините се осврнаа на блиското минато кога објектот бил живеалиште за многу генерации Палоши.