Македонија Основен суд Скопје: Не е коректно да се објавуваат непотврдени информации за...

Основен суд Скопје: Не е коректно да се објавуваат непотврдени информации за Верушевски

Основен суд Скопје 1 ги демантираше објавувањата во дел од медиумите дека Кривичниот совет го укинал притворот на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Зоран Верушевски, обвинет во случајот „Пуч“.

„Како Основен суд Скопје 1 – Скопје сметаме дека не е коректно од посочените медиуми да објавуваат непотврдени информации поврзани со конкретна одлука на судот, без оглед како дошле до тие информации и дали тие се точни или не, а воедно воопшто не се обратиле до судот за да ги проверат инфомрациите кои ги објавуваат. Истовремено, заради екслузивитет и сензација, се впуштаат во дополнителни шпекулации објавувајќи и дека одреден судија кој одлучувал во конкретниот предмет бил прераспределен поради донесената одлука, дотолку повеќе што одлуката за прераспределба е направена со годишен распоред за работа на судиите во судот за 2016 година уште минатата недела, а одлуката по наведениот предмет сè уште не е донесена, односно, како што веќе објавивме во текот на вчерашниот ден, Кривичниот совет имаше доставено дополнително барање до Обвинителството за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за комплетирање на документацијата пред донесување на конечната одлука“, се вели во демантот од Основен суд Скопје 1.

Претходно од Основниот суд Скопје 1 за „Мета“ изјавија дека не можат ниту да ги потврдат ниту да ги демантираат пишувањата на некои медуми за одлуката на Кривичниот совет. Оттаму рекоа дека и да имало ваква одлука,  таа сè уште не е доставена до странките во случајот за да биде на сила.