Македонија Осма ротација на словачки полицајци на македонската јужна граница

Осма ротација на словачки полицајци на македонската јужна граница

Утре во Македонија ќе пристигне осмата ротација на словачки полицајци, како дел од договорот помеѓу министерствата за внатрешни работи на Македонија и на Словачка за превенција на нелегална миграција, соопштија од Амбасадата на Словачка во земјава.

„Единица од 15 словачки полицајци ќе спроведува заеднички патролни активности со македонските колеги на државната граница со Грција, за превенција во областа на јавната безбедност и на неовластеното преминување на државната граница. Словачка полициска единица ќе биде распоредена во областа на Гевгелија“, стои во соопштението.

Полицајците, се додава, ќе бидат опремени со теренски возила, термални камери и со уреди за ноќно гледање. Мандатот на словачката полициска мисија ќе биде 30 дена со можност за продолжување.

Словачка од март 2016 година, кога беше затворена т.н. балканска мигрантска рута, во земјава испрати вкупно 190 полицајци.