Дописници Општината Кочани стипендира уште 25 студенти

Општината Кочани стипендира уште 25 студенти

По 2.500 денари месечна стипендија од Општината, ќе добиваат уште 25 млади кочанчани, редовни студенти на државните универзитети во земјава. Веќе шеста година по ред Општина Кочани им дава поддршка на студенти со висок просек.

Според критериумите, најзначаен е успехот, кој носи најмногу, односно 70 бода, материјалниот статус обезбедува до 20 бода, а пет бода се определени за децата на самохрани родители. Приоритет имаат децата што до полнолетството престојувале во домови за згрижување.

Студентите од Градежен, Архитектонски, Геодетски и од Технолошки факултет имаа дополнителни пет поени, бидејќи нивните струки, со одлука на градоначалникот, се утврдени за дефицитарни.

– Ме радува што издвојуваме средства за да ги помогнеме младите успешни студенти, наши сограѓани и се надевам дека оваа традиција ќе продолжи низ годините – изјави градоначалникот Ратко Димитровски.

Првпат Општина Кочани додели стипендии во 2009-2010 година, а досега се доделени вкупно 171 стипендија.