Дописници Oпозицијата ги бара имињата на битолчаните што се под истрага за „бомбите“

Oпозицијата ги бара имињата на битолчаните што се под истрага за „бомбите“

Битолските либерал-демократи бараат детални информации од Обвинителството во Скопје, со име и со презиме, за функционерите од Битола за кои се води истрага по објавените „бомби“ на опозицијата.

Опозиционерите велат дека иако може да се нагаѓа, сепак во интерес на јавноста е Јавното обвинителство да прецизира кои се луѓето со иницијали В.Т. и С.Б. од Битола, против кои се отворени предмети.

– Кои се луѓето со иницијали В.Т. и С.Б. за кои постои кривичен предмет под КО бр.636/15 за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 од Кривичниот законик? Кога и како овие лица ја злоупотребиле службената положба? Која оригинална писмена документација е одземена од Општина Битола, од Агенцијата за катастар и од Управата за јавни приходи? Кое лице е повикано на распит во Обвинителството и кога? Дали лицата со горенаведените иницијали се вработени во некоја од овие институции? – пишува во соопштението на битолските либерал-демократи.

Вчера Јавното обвинителство на Република Македонија ѝ достави на специјалната обвинителка, Катица Јанева, листа од 35 кривични предмети што произлегуваат од „бомбите“ што ги објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Според соопштението, во Основното јавно обвинителство Битола е оформен еден предмет што произлегува од содржината на објавените разговори од неовластеното следење на комуникациите.

А.Б.