Свет Свет OН: Во Европа пристигнале 137.000 имигранти

OН: Во Европа пристигнале 137.000 имигранти

Во првата половина на годината, рекорден број имигранти, 137.000, пристигнале од Средоземно Море во Европа, се наведува во објавениот извештај на високиот комесар за бегалци на Обединетите нации, Антонио Гутерес.

Во документот се наведува дека тоа е драстично зголемување од 83 отсто во однос на истиот период минатата година. Повеќето од тие имигранти тргнале на ризично, а честопати и смртоносно патување со небезбедни бродови за да избегаат од конфликтите во своите земји.

Ситуацијата би требало да се влоши со подобрувањето на метеоролошките услови во текот на летото, кога се поинтензивни активностите на трговците со луѓе.

Во 2014 година, 219.000 имигранти го минале Средоземно Море, а во првата половина на 2014 година таа бројка изнесувала 75.000.

Најголемиот дел од бегалците преку Средоземно Море стигнале до Италија и до Грција, а една третина од нив доаѓаат од Сирија, која е опустошена од граѓанска војна. Дванаесет отсто од имигрантите се од Авганистан и од Еритреја.

Другите држави од кои доаѓаат најголемиот број бегалци се Сомалија, Нигерија, Ирак и Судан.

Во документот се наведува дека 1.867 од нив починале при ризичните патувања преку Средоземно Море.