Македонија ОМД: Групата на пријатели на Македонија доби тројца нови конгресмени

ОМД: Групата на пријатели на Македонија доби тројца нови конгресмени

Обединетата македонска дијаспора соопшти дека тројца конгресмени ѝ се приклучиле на конгресната група на пријатели на Македонија и на Македонците во САД.

Станува збор за конгресменот Алекс Муни, републиканец од Западна Вирџинија, конгресменот Ренди Вебер, републиканец од Тексас, и за конгресменот Тед Лу, демократ од Калифорнија.

Групата на пријатели на Македонија сега брои 27 членови кои доаѓаат од петнаесет различни американски сојузни држави. Петнаесетмина од нив се од Републиканската партија, а дванаесетмина од Демократската партија.

– Им благодариме на конгресмените Муни, Вебер и Лу за нивното пријателство, пред сè, со македонската заедница во САД, а потоа и за нивното залагање за цврсти односи меѓу САД и Македонија – изјави претседателот на ОМД, Методија Колоски.