Економија Охридска Банка оди во рацете на Штајермаркише Шпаркасе

Охридска Банка оди во рацете на Штајермаркише Шпаркасе

Француската банкарска групација „Сосиете Женерал“ ќе ги продава своите банки во Македонија и Црна Гора, Охридска Банка и Сосиете Женерал Монтенегро, јавија дописниците на балканските медиуми од Париз, Франција. Информацијата попладнево ја потврди и Охридска Банка, со соопштение на својата веб-страница.

Сосиете Женерал информацијата ја објавила денеска. Охридска Банка ќе биде продадена на австриската Штајермаркише Шпаркасе, а црногорската Сосиете Женерал Монтенегро на унгарската ОТП Банка.

Се очекува предавањето на филијалите на банките во Македонија и Црна Гора да заврши за неколку месеци, откако ќе се добијат одобренија од соодветните банкарски, антимонополски и пазарни тела.

Сосиете Женерал од крајот на 2017 година, кога најави излез од земјите во кои нема значителен пазарен удел, ги продаде своите единици во Србија, Бугарија, Албанија, Молдавија, но и во Белгија и Јужноафриканската Република.