Дописници Охрид ќе биде домаќин на 64. Генерално собрание на ИФМСА

Охрид ќе биде домаќин на 64. Генерално собрание на ИФМСА

Од 3 до 9 август, Охрид ќе биде домаќин на 64. Генерално собрание на Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации – ИФМСА, со повеќе од 800 учесници од 120 земји од светот. По собранијата во Данска, Чешка, САД, Тунис, Тајван и во Турција, пред нашата држава стои огромен предизвик.

„Ни треба огромна поддршка, сакаме да му докажеме на светот дека и Македонија може да ги исполни стандардите на ИФМСА како една од најголемите студентски организации во светот, броејќи повеќе од 1,5 милиони членови и организациите кои ја поддржуваат, меѓу кои СЗО, ОН и УНЕСКО“, велат организаторите, студентите од Македонската медицинска студентска асоцијација.

За тема на настанот е избрана „Миграција на здравствените работници“.

– Голем број светски експерти, претставници на организациите со кои соработуваме, особено СЗО, ќе дискутираат заедно со нас на темата и за мерките што се преземаат за да се соочиме со проблемот. Сите сме засегнати, промените се неопходни. Досегашната работа на колегите од ММСА – Македонија е изненадувачка, очекуваме одлични резултати и продуктивни седум денови во Охрид – вели Агостињо Суса, претседател на Федерацијата.