Свет Европа Официјална Москва ги негира тврдењата за федерализација на Сирија

Официјална Москва ги негира тврдењата за федерализација на Сирија

Москва и Вашингтон не ја разгледуваат можноста за федерализација на Сирија, изјави заменик-шефот на руската дипломатија, Михаил Богданов.

– Таквите медиумски информации не се точни – изјави Богданов, кој е и специјален претставник на Русија за Блискиот Исток и за Северна Африка.

Тој изјави дека таквите тврдења на одредени медиуми се „целосна глупост“.

– Ние не изнесовме таква идеја. Таквите идеи треба да ги изнесат самите Сиријци. Тие треба меѓусебно да разговараат и да се договараат – рече Богданов.

Тој го повтори ставот на Москва дека прашањето на државното уредување треба да го реши народот на Сирија, како и дека тие треба да состават устав според кој ќе се одреди каков систем на владеење сакаат да имаат.

Богданов додаде дека Москва има оптимизам во поглед на преговорите за воспоставување мир во Сирија, кои треба да почнат на 14 март во Женева.