Свет Офанзивата на Мосул запрена поради магла

Офанзивата на Мосул запрена поради магла

Ирачките сили запреле и држат позиции во предградија во Мосул, а намалената видливост ги отежнува операциите за истерување на борците на Исламска држава од овој град, соопшти денеска генералот на специјалните ирачки сили, Хајдер Фадхил.

Тој истакна дека за денеска не се планира понатамошно напредување поради големата влажност и облаците што ја намалуваат видливоста за авионите и за беспилотните летала, кои даваат поддршка на операцијата.

Паузата следуваше откако ирачките сили вчера првпат влегоа во градот во рамки на офанзивата која почна на 17 октомври. Тие се подготвуваа за урбано војување, кое, како што се очекува, ќе трае со недели, ако не и со месеци.

Исламска држава го зазеде градот во брза офанзива во јуни 2014 година.

Засега не може да се процени колку цивили се блокирани во Мосул, кој е под контрола на ИД, а според повеќето процени, станува збор за повеќе од еден милион лица.

Организацијата „Сејв д чилдрен“ вчера соопшти дека околу 1,5 милиони цивили се наоѓаат во градот, од кои 600.000 се деца. Организацијата побара итно отворање на хуманитарен коридор за безбедно да се извлечат цивилите од градот.