Македонија Одземањето на мандатите на опозицијата и бојкотот, најмногу застапени во медиумите

Одземањето на мандатите на опозицијата и бојкотот, најмногу застапени во медиумите

Процедурата за одземање на мандатите во ноември и бојкотот на опозицијата се главните настани што ги презентирале медиумите, стои во Третиот извештај од мониторингот на медиумското известување за работата на Собранието, спроведен во периодот од 1 до 30 ноември.

Во ноември се зголеми процентот на информации во кои наведените извори се од само една политичка опција споредено со претходните периоди. За сметка на тоа, за повеќе од половина се намалил процентот на информации во кои се застапени истовремено извори и од власта и од опозицијата, споредено со претходните надгледувани периоди.

Медиумите многу поретко како извори консултирале пратеници и политички партии, а почесто претставници на извршната власт. Собранието најмногу е споменувано во контекст на бојкотот на опозициските партии, пошироките политички случувања, меѓупартиските односи, а незначително помалку се известувало за содржината на дебатата и за изнесените аргументи на седниците. Со ова јавноста повторно не е целосно информирана за дел од темите што ги разгледуваат пратениците, законите и законските измени и изнесените аргументи.

Со истражувањето се опфатени објавени текстови и прилози од: „Дневник“, „Утрински весник“, „Вечер“, „Слободен печат“, „Коха“, „Лајм“, „Сител“, „Телма“, „Алсат-М“ и „МРТ2 програма на албански јазик“. Набљудувањето е дел од проектот „Собранието под лупа, засилување на политичката дебата и делибератививниот дискурс“, финансиски поддржан од Европска Унија.