Ctrl - Z Одбиените ученици немаат право на приговор, денеска и утре – втор уписен...

Одбиените ученици немаат право на приговор, денеска и утре – втор уписен рок

Фото: Архива на Мета.мк

Во тек е електронското пријавување на ученици во средното образование. Тие треба да прикачат документи во електронска верзија, а потоа на 23 и на 24 јуни да ги достават документите со физичко присуство во училиштата во кои сакаат да се запишат. Инаку, учениците кои не успеаа да се запишат во првиот уписен рок откако полагаа и квалификациски тест, немаат право на приговор. Во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ отпаднале педесетина ученици.

„Учениците кои полагаа квалификациски тест немаат право на приговор. Нема механизам, прегледувањето на тестовите оди со надзор, поминува низ неколку луѓе, се прегледуваат под клуч. Кај нас, оние ученици кои решија повеќе од 50 отсто од тестот, се запишаа. Секоја година е вака кај нас, учениците се со 5,00 и очекуваат да имаат повисоки бодови. Но, стресот си го прави своето“, вели за Мета директорката Маја Салиу.

Учениците кои ќе се пријават денеска и утре за упис во средно мора повторно тоа да го сторат тоа по електронски пат за да добијат статус дека не се запишани за да може повторно да се запишуваат за во вториот уписен рок. Како што информираат од Министерството за образование за Мета, до 14 часот денеска се пријавиле 1.681 ученик.

„Нема досега ниту една пријава за паднат систем или проблеми со аплицирањето. Во државата има вкупно 17.381 слободни места. Во гимназиско образование има 5.019 слободни места, а во средно стручно – 11.827 слободни места. Има место за сите деца“, уверуваат во МОН.

Инаку вчера квалификациски тест се полагаше и во гимназијата „Орце Николов“, каде што за 285 места се пријавија 337 ученици со просечен успех од 5,00. Во ова училиште и денеска се полага квалификациски тест за учениците во билингвалните паралелки, англиско-македонски.

„За во овие паралелки, за 90 слободни места се пријавиле 113 ученици. После прегледувањето на тестовите ќе биде истакната конечната ранг листа“, информира директорот Митко Димовски.

Во првиот уписен рок, согласно бројките од електронскиот систем, аплицирале вкупно 15.310 ученици, а се запишаа 12.060. Од нив 3.971 се запишани во гимназиско образование (без учениците од „Орце Николов“ и средното медицинско училиште), а во стручно се запишале 7.698 ученици.

Пишува: Антонија Поповска