Македонија Одбележани 82 години од формирањето на Скопскиот партизански одред

Одбележани 82 години од формирањето на Скопскиот партизански одред

Првиот скопски народноослободителен партизански одред е всушност првата партизанска единица на НОВ во Македонија која е формирана на 22 август 1941 година, во близина на Скопскиот градски парк

Фото: Мета.мк

Во Скопје денеска се одбележаа 82 години од формирањето на првиот Скопски партизански одред, пред спомен-обележјето лоцирано во скопската населба Карпош.

Пред спомен-обележјето се поклонија и претставници на Сојузот на Борци на Македонија, како и од Градскиот одбор на Сојузот на борци, претставници на Здружението на жени и пензионери од општина Карпош, делегација на Форумот за човекови права на Македонците од егејскиот дел на Македонија, претставници на политички партии, делегација од ООУ „Вера Циривири Трена“, здруженија на граѓани, како и делегација од Град Скопје, предводена од скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Пред спомен-обележјето во Карпош, делегација на СДСМ во состав: Васко Кичевски, претседателот на ГО на СДСМ Скопје, Марко Михаилоски, претседател на СДММ и Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје, како и делегација на ОО СДСМ Карпош, предводена од претседателот Владимир Станивуковиќ, положија свежо цвеќе и оддадоа почит на борците од Народноослободителната борба.

Првиот скопски народноослободителен партизански одред е всушност првата партизанска единица на НОВ во Македонија, која е формирана на 22 август 1941 година, во близина на Скопскиот градски парк. Одредот броел 42 борци од кои 17 загинале во текот на НОВ. По војната, тројца борци од одредот (Раде Јовчевски – Корчагин, Боро Петрушевски и Александар Урдаревски) се прогласени за народни херои на Југославија.