Македонија Од затворот во Струмица во моментов во бегство се 23 затвореници

Од затворот во Струмица во моментов во бегство се 23 затвореници

Новиот в.д. директор Зоран Ристов oбвини дека тоа се должи на неодговорното работење на претходните раководства и дека установата е во катастрофална состојба

Photo by Malicki M Beser on Unsplash

Во моментов од Казнено-поправната установа Затвор Струмица во бегство се 23 затвореници, информира новоименуваниот в.д. директор на затворот, Зоран Ристов.

Toj oбвини дека тоа се должи на неодговорното работење на претходните раководства и дека установата е во катастрофална состојба.

„Според личните желби на одредени вработени, осудените биле приморани да извршуваат работни задачи на приватни имоти, како градежни активности и друго“, изјави Ристов и вети дека ќе спроведе санкции по изготвувањето на извештајот за установата.

Вкупниот капацитет на КПУ Затвор Струмица изнесува 62 лица и во него се извршува казна затвор до три години, казна затвор за сторен прекршок и изречена мерка притвор согласно судско решение. Во затворот казна затвор издржуваат лица од Струмица, Кочани, Штип, Виница, Делчево, Берово и Радовиш.

На предлог на директорот на Управата за извршување на санкции, Владата на 24 јули годинава за в.д. директор на Казнено-поправната установа Затвор Струмица го именува Зоран Ристов, кој дојде на местото на Владимир Михајловиќ.